Расправата за буџетот не продолжи неделава поради откажувањето на сите активности по автобуската несреќа во која според последните информации загинаа 44 лица.
Доколку не дојде до некое повторно одложување, се предвидува, според информации од пратениците, амандманската расправа да заврши во среда, а потоа текстот да се врати на Владата која треба да ги вгради прифатените амандмани. Откако ќе биде вратен во Собрание, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расравата трае пет дена.
Иако по неуспешниот обид за гласање недоверба на Владата, земјата се наоѓа во политичка криза и има преговори за зголемување на бројот на пратениците во парламентарното мнозинство, сите пратенички групи во Парламентот се согласни дека тој треба да се донесе пред крајот на годината. Дури и најавите за формирање на нова влада, како што велат, нема да го променат ставот дека Буџетот треба да се донесе.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште на првиот ден од расправата оценија дека Предлог – Буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци, но и дека ќе следи ребаланс во првиот квартал.
Од владејачката СДСМ тогаш апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции. Порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Обезбедува, посочија, редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења.
Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека наредната година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит.
-Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата, рече тој.
Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.