Рашела Мизрахи: Од 33 мерки за борба против загадувањето – спроведени се само шест
На денешната седница на Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија, пратеничката Рашела Мизрахи (ВМРО-ДПМНЕ) изјави дека од вкупно 33 препораки и задолженија за намалување на загадувањето усвоени уште во 2018 година, спроведени се само шест – или едвај 15%.
- За шест години, институциите покажале крајно несериозен пристап кон спроведувањето на мерките за заштита на здравјето на граѓаните – изјави Мизрахи, потенцирајќи дека заклучоците од најновата надзорна расправа по темата се алармантни.
Лекарите и институциите предупредуваат: загадениот воздух ја зголемува смртноста
Во расправата учествувале 42 сведоци, меѓу кои лекари, претставници од Институтот за јавно здравје и директорот на канцеларијата на Светската здравствена организација во земјава. Тие биле едногласни: долготрајната изложеност на загаден воздух сериозно влијае врз здравјето на населението.
- Загадувањето не само што предизвикува сериозни болести, туку и директно влијае врз бројот на смртни случаи и врз трошоците на здравствениот систем, нагласи Мизрахи.
Институциите нефункционални, законите не се спроведуваат
Комисијата утврдила и недоследности во спроведувањето на законите, како и кадровска негрижа што ја намалила функционалноста на клучните институции за борба против аерозагадувањето.
Меѓу главните препораки на Комисијата се:
Измени на законската регулатива
Јакнење на институционалниот капацитет
Формирање на долгорочна државна стратегија за справување со загадувањето
Мизрахи порача дека е крајно време институциите да започнат со реално и транспарентно спроведување на мерките. Целта е подобрување на квалитетот на воздухот на целата територија на државата.
Извор: СкопјеИнфо