На 31 март 2026 година, во 01:50 часот, полициски службеници од Полициската станица Гостивар го лишија од слобода М.Д. (34) од Гостивар поради основано сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
Претходно, околу 01:30 часот, во полициската станица се јавило машко лице пријавувајќи сомневање за убиство на член од своето семејство. Полициските службеници веднаш излегле на терен, и во куќата е пронајден починатиот К.Д. (63) од Гостивар со видливи повреди и траги од насилство во пределот на главата. Поради сомнение за убиство, веднаш бил приведен неговиот син.
Според првичните изјави на осомничениот, татко му починал претходниот ден околу 14:50 часот по пад во купатило, но случајот не бил пријавен кај надлежните органи.
За настанот е известен Јавен обвинител, а полициските службеници преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. По завршување на истражните активности ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
