Ужас во Липково
Шеснаесетгодишно девојче од село во Општина Липково со месеци било сексуално злоупотребувано и уценувано со интимни видеоматеријали од поголема група лица, објави телевизијата „Алсат“.
Според информации на телевизијата, повикувајќи се на полициски извори, за случајот се дознало во неформални околности. Засега е уапсен само еден од осомничените, додека останатите, според истите извори, за пари и сексуални услуги се изживувале врз малолетното девојче.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека апсењето било извршено на 2 јануари во Куманово.
„На 2 јануари, полицијата во Куманово го уапси 31-годишникот со иницијали Н.А. од село Слупчане, Општина Липково. Сомнежите за неговото апсење се базираат на заканите што тој ги упатил на малолетно девојче, дека додека не му даде пари, ќе објави експлицитни фотографии“, велат од МВР.
Според досегашните сознанија, најмалку 17 лица се осомничени за вмешаност во случајот. Злоупотребата, според пријавеното, траела од јуни минатата година.
Пријавата за настанот, според неофицијални информации, ја поднел таткото на девојчето. За кривичните дела злоупотреба или условување за пари или сексуални услуги е предвидена казна затвор до десет години, а кога делото е сторено од група, се изрекуваат повисоки казни, објави Скопје1.мк.
Ужас во Липково
