Собранието в понеделник ќе ја продолжи расправата за Предлогот за избор на членови на Владата. Пратениците вчера продолжија со работа и по 18 часот, а по неколку излагања и реплики претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата. Поради престојните верски празници, тој најави дека Собранието ќе продолжи седницата в понеделник.
Со владината реконструкција за министер за правда е предложен Кренар Лога, за здравство Фатмир Меџити, за министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу и за министер за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Расправата за изборот на новите министри почна завчера, откако по 10-дневна дебата беа разрешени министрите од Алтернатива, за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи.
На 104. седница по изборот на министрите треба да се расправа и гласа за разрешување на пет заменици-министри и да бидат именувани нови.