Претседателката на ДОМ и пратеничка во Собранието, Маја Морачанин денеска гласаше против законските измени за осум закони за изградбата на коридорите 8 и 10 Д.
Собранието денеска ја изгласа потребата од носење на измени и дополнувања на осум закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д, а Морачанин во изјава за Радио Лидер истакна дека се прават измени на многу значајни закони без детални образложенија и информации кои ќе им овозможат многу привилегии на фирмите вклучени во овие проекти.
„Гласав против сите овие осум предложени закони, имав во процедурално кратко објаснување зошто , затоа што прво во скратена постапка се носат законите и без детални образложенија и информации што тоа ќе значи, се предлагаат измени во многу значајни закони , Закон за урбанистичко планирање, Закон за градење , Закон за минерални суровини, Закон за шуми, Закон за работни односи и со овие предлози им се даваат практично многу привилегии на овие фирми кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите и едноставно се менуваат важни закони за да некои има попривилегирана позиција“ вели Морачанин.
Образложението дека кај нас се спори процедурите, јас се согласувам генерално , ама не сметам дека овој е начинот да се забрзаат процедурите бидејќи треба да се запазат сите постапки кои што ги предлага законот и тоа да важи за сите, кажа Морачанин и истакна дека за вакви измени мора да има поширока дебата во која ќе бидат вклучени академската фела и граѓанските организации.
„Ако е од стратешки интерес овој Коридор 8 и 10 д, тука нема дилеми дека тоа се важни проекти и дека треба во најкус рок да бидат направени, но мислам дека начинот не е соодветен и дека мора да има поширока јавна дебата за тоа што значат овие сите законски измени и да бидат вклучени експерти од академската фела, од граѓансите организации, бидејќи и тие веќе реагираа, на пример веќе реагираа и Сојузот на сидикати бидејќи се навлегува во работничките права , реагираше и Платформата на граѓански организации за борба против корупција со напомена дека не е јасно дали и какви ќе бидат ризиците од некакви коруптивни процеси во овие предлог закони, изјави Морачанин.
Така да, мислам дека ова е сериозна тема која бара поширока дебата и треба подетални информации што тоа значи и секако вкчлување и на граѓанскиот сектори и на експертите и затоа гласав против , да се повлечат законите и да не се усвојува дневен ред.
Инаку пред гласањето од страна на предлагачите беа повлечени измените само на Законот за културно наследство, за кои измени протестираа археолозите непосредно пред почетокот на седницата . Тие предупредија дека пратениците ќе направат кривично дело доколку гласаат за измените оти со нив се озаконува уништување на културното наследство и се кршат низа домашни закони, меѓународни договори и ратификации.
Предлагачите ги повлекоа измените откога Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека тие нема да гласаат за дневниот ред, ќе ја напуштат седницата и побара повлекување на сите предложени измени, кои ги добиле во петокот и имале кус рок да ги разгледаат, побара јавна расправа за сите измени, во која ќе се вклучат и експертите и јавноста.
„Сè додека пратениците се потпишуваат на овие законски решенија, а не Владата, која бега и на чуден начин се трга од одговорноста, ќе провејува фактот дека сомнежите со желба за корумпирање, криминал и матни зделки ќе бидат дел од овој проект. Апелирам пратениците да не наседнуваат, замислете, на толку битни закони, кои менуваат суштина на основни закони, кои важат за граѓаните, не е потпишана Владата. Ако веќе проектот е најголем што треба да се изведува во нашата држава, тука требаше да седат министри од Владата, да преземат одговорност, а не да се кријат зад мнозинството во ова Собрание. И, да, сакаме оваа држава да се развива побргу, сакаме да успее овој проект, ама сакаме да успее на јавен, транспарентен начин, а не законите да се пуштаат во петок, а во понеделник да се закажува седница. И не вие да ги потпишувате, да си дојде министер за култура, за земјоделство, за транспорт, за финансии и да застанат зад експропријациите, зад шумите, зад културното наследство и да го брани она што го прави. Вака излегува дека имаме пратеници експерти во ова Собрание, кои може да застанат зад толку големи закони“, рече координаторот Мицевски.