Таа потсети и дека градинките уште од минатата година се подготвени да работат во овие вонредни услови коишто ги наметна пандемијата со КОВИД -19.
– Вие знаете дека првите протоколи беа усвоени минатата година во мај за згрижување на деца во градинки и согласно тој протокол можам да кажам дека грижата за децата минатата година беше една од најуспешните приказни како се менаџира пандемијата со КОВИД -19. Со доследно почитување на протоколите коишто се напишани во соработка со здравствените власти овозможивме градинките да бидат место на безбеден престој на децата, вирусот немаше трансмисија од дете на дете и навремено се реагираше за сите позитивни вработени или дечиња коишто го носеа вирусот од дома, рече Шахпаска, која денеска во Струмица направи увид во градежните работи на две нови градинки.
Таа апелираше сите работени во градинките да се вакцинираат и да се зголеми опфатот за уште побезбедно функционирање на градинките.
– Бројот на вакцинирани вработени во градинките, тука вклучувам негуватели, воспитувачи, помошен технички персонал, вработени во кујната е над 65 проценти согласно последните бројки коишто ги добивме оваа недела. Меѓутоа, за да истакнеме за важноста за вакцинација, за безбедноста на вакцинацијата кај дел од вработените коишто имаа лични дилеми организиравме состанок со претседателот и два доктори од Комисијата за заразни болести минатиот петок 300 вработени во градинките директно ги адресираа своите дилеми пред докторите од Комисијата за заразни болести, рече Шахпаска.
Таа е уверена дека по овој состанок уште поголем број вработени во градинките ќе пристапат во процесот на вакцинација. Така што, нагласи, вакцинацијата е важна и за вработените во градинките, но и за сите други граѓани во државата.
– Се испостави дека возрасните најмногу ги почитуваат нашите препораки како доктори. Зошто? Затоа што 70 проценти од граѓаните над 70-годишна возраст веќе се вакцинираа што значи дека го стекнале својот имунитет. Останува останатите да пристапиме кон вакцинација како единствен инструмент за полесно да ја пребродиме пандемијата со КОВИД -19, истакна министерката за труд и социјална политика.