Коцевски: Ваква сложена истрага не сме имале досега, вклучени беа 13 обвинители
Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски изјави дека заврши цела истрага за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а беа повредени над 200, е завршена по два и пол месеци интензивна работа. Од денеска почнува увидот во доказите од страна на одбраната.
– Од утре започнува увидот во предметот од страна на одбраната, која има рок од 15 дена да достави сопствени докази, што обвинителството ќе ги разгледа. По тој период ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – изјави Коцевски за Телевизија 24.
Историски сложен предмет со рекордно прибирање докази
Коцевски нагласи оваа истрага е една од најсложените истраги досега во државата, со ангажман на 13 јавни обвинители и огромен број преземени дејствија.
– Во рекордно време се обезбедија сите релевантни докази кои беа потребни за расчистување на трагедијата – додаде тој.
Истрагата сѐ уште не е целосно затворена
И покрај завршената главна истрага, обвинителот посочи дека продолжуваат дејствијата за расветлување на улогата на полициските службеници кои таа вечер биле присутни во дискотеката. Не се исклучува можноста истрагата да се прошири доколку се појават нови докази.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март беше една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија. Причините за пожарот официјално сѐ уште не се соопштени, но јавноста очекува транспарентна и брза одлука од обвинителството.
Извор: Плусинфо