Шеснаесетгодишно момче од Ваљево, тешко претепано од полицијата за време на протестите, е во критична состојба – му откажале бубрезите, потврди потпретседателот на Демократската партија на Србија, Миодраг Гавриловиќ.
Тој предупреди дека станува збор за „невидено полициско насилство“ и дека малолетникот, идентификуван како А.Р., е префрлен во приватна болница во Белград, каде што лекарите се борат за неговиот живот. „Момчето е родено во 2009 година, има само 16 години. Состојбата е крајно сериозна – бубрезите му откажале“, напиша Гавриловиќ, повикувајќи на единство на граѓаните.
Протестите против власта во Србија, кои две вечери по ред кулминираа со судири со полицијата, дополнително ја вжештија атмосферата.
Претседателот Александар Вучиќ, пак, во гостување на РТС изјави дека полицијата во Ваљево „целата вечер била гаѓана со различни предмети“, а демонстрантите ги нарече „банда“. „Државата не е играчка. Државата се води за да обезбеди економски раст и подобар живот за граѓаните“, рече Вучиќ, најавувајќи и дека изборите ќе бидат одржани пред редовниот законски и уставен рок.