Неодамна изградена градинка во Бутел беше мета на вандали. Тие ја оштетиле вратата, прозорците и хидрантите на објектот.
Градинката, која се наоѓа во дворот на основното училиште „Св. Климент Охридски“, требаше да биде пуштена во употреба во септември. Но вандализмот шест месеци пред тоа го забавува процесот на завршување.
Предвидено за згрижување на 120 деца, објектот има површина од 870 метри квадратни, но сега е нејасно дали оштетувањето ќе доведе до пролонгирање на рокот за неговото отворање. Полицијата веќе е информирана за настанот и презема мерки за расчистување на случајот.
Овој инцидент доаѓа во време кога државната ревизија објави дека, и покрај реконструкциите и изградбата на нови објекти за градинки, и понатаму постои голем недостиг на места, а многу од постоечките објекти се преполни.
Вандализирана е новата сѐ уште неотворена детска градинка во скопската населба Бутел, информира и градоначалникот на Општината, Дарко Костовски.
На својот фејсбук-профил градоначалникот објави фотографии од оштетената детска градинка, за која рече дека треба да биде отворена во септември.
Од фотографиите може да се види дека се оштетени неколку прозорци и врати, а бојадисани се и ѕидовите на објектот.
МВР веќе има лоцирано осомничени лица. За многу скоро очекувам остра и брза акција. Одговорност и кривични пријави согласно закон. Направена е голема штета во новата граника во Бутел 1. Истата е во план да се пушти во употреба во месец септември 2025 година. Особено е осетливо тоа што станува збор за детска градинка, таму каде што треба да бидат згрижени нашите најмили, напиша тој.