Фудбалскиот клуб Вардар бил под истрага на УЕФА цели 10 месеци по пријава поврзана со фалсификувани двојни договори и двојно книговодство, соопшти на брифинг извршниот директор Миленко Неделковски. Според него, клубот бил исправен пред реална опасност да биде исфрлен од европските натпреварувања, а случајот се однесувал на сезоната 2023/24.
Неделковски објасни дека постапката била покрената по пријава од поранешните фудбалери Глишиќ и Мартин Блажевски. УЕФА истражувала дали во клубот биле потпишувани двојни договори, практика што е строго забранета според европските правила.
„Десет месеци имавме процес со УЕФА. Се однесува за фалсификувани двојни договори и двојно книговодство. Имаше пријава од двајца играчи, Глишиќ и Мартин Блажевски. Постигнавме договор да платиме казна од 250.000 евра и засилен мониторинг. Ако во следните три години го повториме овој прекршок, ќе бидеме суспендирани од натпреварувањата на УЕФА. Ова се дела сторени пред да дојде новата управа, во сезоната 2023/24. Ние покренавме постапка против непознат сторител за извршување на тие нелегални активности“, рече Неделковски.
Според договорот со УЕФА, Вардар ја платил казната од 250.000 евра, но клубот во следните три години ќе биде под посебен, засилен мониторинг. Доколку во тој период се повтори прекршок од ист вид, Вардар би можел да биде автоматски суспендиран од натпреварувањата на УЕФА.
Раководството тврди дека спорните активности не биле направени во нивниот мандат, туку пред доаѓањето на новата управа, во сезоната 2023/24. Поради тоа, клубот веќе покренал постапка против непознат сторител за, како што наведува Неделковски, извршување на тие нелегални активности.
Неделковски истакна дека финансиската состојба на Вардар денес е значително поинаква од претходно и дека клубот бележи позитивни резултати и надвор од теренот. Вардар сезонава ја освои шампионската титула во Македонија по пауза од шест години, а раководството се пофали и со позитивен финансиски биланс.
„Во 2025 година Вардар заврши со добивка од 700.000 евра, што само ја покажува разликата во работењето тогаш и сега“, додаде Неделковски.
