Вардар со една нога веќе е во Ф4 во СЕХА лигата. Слично како Еуруфарм Пелистер, денеска и Вардар се најде на чекор од Ф4 турнирот во СЕХА лигата, кој дефинитивно треба да биде само формален со оглед на огромната предност стекната денеска во Скопје.
Македонскиот првак беше пресилен за Војводина која дојде да игра со подмладен состав во македонската престолнина, што се покажа како кобно против расположен противник.
„Црвено-црните“ беа ранети по шокот кој го доживеаја од Алкалоид во домашното првенство, па се чини сиот свој бес го истурија врз младите играчи на Војводина кои немаа што да бараат во „Јане Сандански“.
Победата од 38:25 не ветува неизвесен дуел на реваншот кој се игра на гостински терен, па целта ќе биде само да се доработи започнатото и да се потврди пласманот меѓу најдобрите во СЕХА.
Јан Чувара беше несопирлив за ривалите и постигна 10 поени, но фантастичен беше и Моралес кој запиша осум погодоци зад своето име. Десет погодоци на спротивната страна забележа и Симо Сијан.