Македонскиот првак ја надополни негативата од Скопје, но падна по продолженијата во Финска
Вардар не успеа да го мине првото квалификациско коло во Лигата на шампионите, иако славеше со 3-2 против КуПС на гостински терен.
„Црвено-црните“ по продолженијата беа елиминирани со вкупен резултат 4-3, откако во првиот меч во Скопје загубија со 2-0.
Македонскиот шампион одигра многу подобар натпревар во Финска и успеа да ја анулира негативата од првата средба.
Саволаинен постигна автогол во 59. минута, а Горан Закариќ од пенал во судиското надополнување донесе предност од 2-0 за Вардар и израмнување во двомечот.
Драма во продолженијата
Во првото продолжение КуПС успеа да го намали резултатот преку Боб Арма во 100. минута.
Вардар брзо возврати, а Иан Пулеио повторно донесе предност од два гола за македонскиот тим.
Сепак, домаќините добија пенал, кој Пјотр Паршек го реализираше за конечни 2-3 и пласман на КуПС во следната рунда.
Вардар со победа се збогуваше од квалификациите за Лигата на шампионите, но европскиот настап ќе го продолжи во второто квалификациско коло во Конференциската лига.
