Ракометарите на Вардар 1916 се подготвуваат за својот трет предизвик во новата сезона од Лигата на шампионите, каде што на домашен терен во Скопје ќе ги одмерат силите против полскиот првак Висла Плок. На официјалната прес-конференција пред натпреварот, тренерот Иван Чупиќ ги изнесе своите очекувања и деталната анализа на противникот.

Чупиќ нагласи дека тимот целосно ја разбира тежината на групата во која се натпреварува и квалитетот што го поседува полскиот состав, кој долги години работи со ист стручен штаб и бележи континуирани врвни резултати на меѓународна сцена.

„Како и секогаш, знаеме каква група сме. Ни доаѓа Висла која е во топ 10-12 во Европа, тим кој долго години е заедно со истиот тренер. Последните седум-осум години покажуваат врвни резултати и во домашното првенство и во Лигата на шампионите. Јас одамна поминав низ доминацијата на Кјелце во Полска, но во последните години Висла го презеде приматот. Тоа е само доказ за нивното ниво. Се подготвуваме како секогаш, со добра енергија, анализа и тренинг. Веруваме дека во полн „Јане Сандански“ никому нема да му е лесно. Сакаме по двата натпревара без бодови на кои игравме добро, да стигнеме до првата победа. Сигурно дека ни недостигаа по гол-два на претходните средби. Не сакам да зборувам за притисокот, тоа за мене е привилегија. Ова е наш пат кој ќе трае барем до крајот на сезоната. Нема успех без порази, не доаѓа бргу и преку ноќ. Мислам дека по првите два меча во ЛШ одигравме навистина добро, одигравме машки, ама очигледно тоа што го презентираме во овој момент не беше доволно за ова ниво. Ако беше доволно ќе имавме бодови на контото. Не сакам да барам алиби, иако игравме добро со Мелсунген, а потоа малку подобро против Нант. Сега верувам дека ќе го кренеме нивото, особено бидејќи Педро се врати и дава нота повеќе“, рече Чупиќ.

Стратегот на „црвено-црните“ посебно ја анализираше дефанзивната поставеност на гостите, посочувајќи дека тие располагаат со една од најцврстите одбранбени линии во европскиот ракомет.

„Кога ја анализиравме Висла, екипа која според мој вкус игра најдобра одбрана во Лигата на шампионите. Тоа ќе биде голем предизвик за нашиот напад, мора да сме подобри од натпреварите со Охрид, Нант и Мелсунген. За оваа одбрана на Висла која плаќа 3-4 играчи само за одбрана, нашиот напад мора да биде како никогаш оваа сезона ако сакаме да освоиме бодови. Сепак, и без добра одбрана бадијала би биле добри во нападот. Сите сегменти мора да се на нивото, но ако морам да изберам еден кој може да реши ќе биде нашиот напад. Висла игра навистина врвна одбрана, тактички се дисциплинирани и за мене е навистина голем предизвик“, додаде тренерот.

Во однос на здравствениот билтен и составот на екипата, Чупиќ информираше за состојбата на повредените играчи, но и за враќањето на значајни ракометари во ротацијата.

„За жал Бомаштар е уште повреден, мора да имаме трпение бидејќи има незгодна повреда на грбот. Се надевам дека со новите терапии ќе го видиме по репрезентативната пауза. Тој е во процес на рехабилитација и не смееме да брзаме. Што се однесува до останатите играчи, ни се вратија Лазаревски, Педро и Стојановски. Тоа е голем плус и за мене и за тимот. Педро ни дава многу варијанти и за мој вкус е спортски најинтелигентен играч во оваа екипа. Можеби тоа ни недостигаше во претходните два натпревара, ќе видиме како ќе изгледаме против Висла“, порача Чупиќ.