Вардар по пауза од еден месец стигна до првата победа, откако на домашен терен со 4-1 го совлада Силекс во натпревар од Првата македонска фудбалска лига. „Црвено-црните“ последен пат триумфираа на 25 јули против Брегалница со 2-0, по што следуваа елиминацијата од Рига во Конференциската лига и поразите од Шкендија и Струга во домашното првенство.
Вардар го отвори резултатот уште во третата минута преку Димитар Данев. Силекс потоа ја презеде иницијативата, а напорите на кратовскиот тим резултираа со израмнување во 37-мата минута, кога капитенот Дарко Анѓелески погоди за 1-1.
Вардар повторно поведе во 63-тата минута преку Михаил Маневски, а само шест минути подоцна Мигел Пиреш зголеми на 3-1. Конечниот резултат го постави Едис Спахиу во 88-мата минута.
По четири одиграни кола, Вардар има шест бода и се наоѓа на шестата позиција на табелата, додека Силекс останува трет со седум бода.
