Ракометарите на Вардар синоќа го совладаа Еурофарм Пелистер со 27:22 во дербито на плејофот на македонското првенство.

До големата победа „црвено-црните“ дојдоа по извонредното второ полувреме кое го решија во своја корист со 16:10.

По оваа победа Вардар има огромни шест бода предност на врвот на табелата, додека Пелистер остана на 40 бода, исто колку што има и третопласираниот Охрид.

Најзаслужни за победата на гостите од Скопје беа голманот Валах со 11 одбрани, Малус со осум и Лазаревски со седум голови.

„Првото полувреме игравме нервозно, со црвен картон, некако бевме многу нервозни и во транзиција, промашувавме зицери и губевме топки, но бевме во мечот.

Заради голманот и добрата одбрана, не дозволивме Пелистер да направи поголема разлика, но се договоривме во вториот дел да се смириме, да продолжиме ваква одбрана и дека нашите пет минути ќе дојдат, дека Пелистер мора да го убрзаме во играта да ризикува и да ги чекаме нашите моменти.

Фер и коректен меч, убава атмосфера, секогаш е добро да се игра во полна сала. Ова беше една шампионска одбрана за титула и тоа ни донесе два бода.

Имаме уште три месеци од сезоната, половина март, цел април и мај. Има уште да се игра и за што да се бориме.

И за титула и за Куп и за Ф4 во Европската лига, така што, одиме чекор по чекор. Знаеме дека ова е маратон. Освоивме два важни бода, но одиме напред и гледаме кон следниот меч“, изјави тренерот на црвено-црните, Иван Чупиќ по натпреварот.