Во текот на денот низ земјата беа евидентирани 28 пожари на отворено. Од нив, 21 се локализирани и изгаснати, шест сè уште се активни, а еден е ставен под контрола, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Активните жаришта се на повеќе точки: во Беровско, каде што кај селото Русиново и во околината на Дрџински рид и локалитетот Стојково се зафатени дабови и букови шуми со подраст од папрат; во Липковско, кај селото Никуштак, гори деградирана нискостеблеста и дабова шума; во Студеничани, во реонот на селата Варвара и Драчевица, се проширил оган во мешана шума и ниска вегетација. Пожар е регистриран и кај Струмица, меѓу Муртино и Банско, каде што е зафатена ниска вегетација, како и во селото Фалише, Тетовско, каде што гори стрниште. Ниска вегетација е опожарена и во село Секирци во општина Долнени.
На дивата депонија Вардариште, во општина Гази Баба, огнот е ставен под контрола.
Според извештаите на ЦУК, локализирани се уште 21 пожар во различни општини. Во Ресен, во месноста Порој, биле зафатени и јаболкови насади. Во Липковско, во селата Оризаре и Слупчане, огнот уништил дел од мешаната шума и ниската вегетација, додека во општина Старо Нагоричане, во село Младо Нагоричане – маало Бузанци, пламените зафатиле кровна конструкција од плевна.