Европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеи денеска во Скопје изјави дека ЕУ работи напорно за да им помогне на земјите од регионот со нови можности за бизнисите и граѓаните и, како што рече, да ги исполни ветувањата за нивно пристапување во Европската унија.
Вархеи во видеообраќањето пред учесниците на 2. Економски форум Делфи во Скопје зборуваше пред се за економската поддршка на ЕУ за земјите од регионот и за инвестицискиот план што беше започнат пред две години, во чии рамки 40 водечки проекти – грантови вредна 1,8 милијарди евра – досега се донесени.
„Овие проекти влијаат на растот и забрзувањето на соработката меѓу Западен Балкан и ЕУ и треба да ги подобрат транспортните, дигиталните и енергетските врски со ЕУ. Овие инвестиции ќе го туркаат регионот напред во создавање работни места и раст. Го прославивме договорот за финансирање на Белград со водечки проекти на ЕИБ и ЕБОР вредни 2,4 милијарди евра. Разговаравме за Коридорот 10 – железнички коридор што ја поврзува ЕУ преку Србија, Бугарија, Северна Македонија со Грција до пристаништето во Солун“, рече Вархеи.
Градиме, посочи, зелени патишта не само меѓу земјите, туку и меѓу нашите региони – ЕУ и Западен Балкан.
Тој потсети дека минатата година во рамките на Берлинскиот процес беше постигнато значително пробивање на регионалниот пазар и посочи дека сега е важно да се ратификуваат и имплементираат овие три договори за граѓаните да можат да патуваат, работат и шетаат.
„Декларацијата за намалување на цените за роаминг со земјите од Западен Балкан се спроведува и ќе биде од корист за сите граѓани, со отстранување на бариерите“, посочи Вархеи.