Вархеји ги повика европарламентарците да влијаат на нивните земји да овозможат напредок околу ова прашање бидејќи во спротивно, како што нагласи, ЕУ самата се спречува од одење напред.

„Ако не ја завршиме нашата работа во Западен Балкан тоа ќе доведе до многу сериозно компромитирање на нашите позиции”, рече Вархеји.

Во однос на македонско-бугарскиот спор, тој рече дека треба да се реши како итно до крајот на годината и кажа дека е свесен за изборите во двете земји, но испорачувањето на датум е многу поважно од прашањето за избори.

„Работиме многу на ова прашање за да ја деблокираме ситуацијата, за жал досега без успех, но имаме надеж, бидејќи до крајот на оваа година мора да испорачаме. И кога велам мораме, мислам на нас, на сите земји членки на ЕУ. Исто така потребна е поголема решеност и од двете земји за да се придвижиме напред”, рече Вархеји.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го уверуваше еврокомесарот и пратениците дека ако сакаат да бидат сфатени сериозно околу проширувањето треба да ги започнат веднаш преговорите со Албанија, место да ја чекаат Македонија да го реши спорот. Потоа тој уверуваше дека причина за спорот со нашата држава не е некое „лудо националистичко прашање“ што се користи пред избори туку прашање за основни човекови права, односно дискриминација на луѓе кои се плашат отворено да се декларираат како Бугари во Македонија.

„За наследството на Тито не треба да има место во ЕУ“, рече Ковачев.

Одговарајќи на прашањата на европратениците Вархеји рече дека не смеат да се обесхрабрат тие што работат и прават реформи.

„Ние сме во многу критичен момент и ако не можеме да ги донесеме одлуките што треба, ќе се најдеме во тешка ситуација и грешката ќе биде наша. Она на што работам е да биде решен овој спор оваа година, најдоцна до декември, но не можам да ви дадам други инсајдерски информации.Двете земји ги исполнија условите заедно и бараме преговори со нив заедно”, додаде Вархеји.

На излагањето на еврокомесарот коментари имаше и бугарскиот европратеник Џамбаски. Тој порача дека Македнија ги крши човековите права, шири говор на омраза и сѐ уште се држи до политиките на Тотова Југославија.

„Бугарија и Бугарите се прикажани како непријатели. Проблемот е во образованието и фалсификуваната историја која ја прикажува Бугарија и Бугарите како Татари, фашисти и окупатори. Во Северна Македонија уште можеме да ја видиме Југославија, а тие сѐ уште го слават Тито и неговиот начин на политика”, рече Џамбаски.

За разлика од него, известувачот за Македонија во европарламентот Илхан Кјучук кажа дека Македонија има постигнато многу на реформски план и време е а се почнат преговорите.

„Во однос Северна Македонија, се надевам дека ќе има уште една можност за да најде компромис со Бугарија за да се усвои преговарачката рамка и да се отвори првата меѓувладина конференција”, изјави тој.

Инаку, Вархеји доби многу прашања за иницијативата Отворен Балкан од типот дали таа се коси со интересите на Унијата, а меѓу нив беше и тврдењето на Ангел Џамбаски од Бугарија, според кого, иницијативата само и служи на Русија за влијание на регионот. Спротивно на тоа, Вархеји беше убеден дека единствен пат за напредок на Западен Балкан е регионалната соработка во која ќе учествуваат сите шест земји и ека Брисел притиска за тоа. Таа е, според него, е дел од Берлинскиот процес и многу приземна иницијатива која го менува животот на граѓаните и бизнисот.

„Ќе бидам искрен и ќе кажам дека идејата Отворен Балкан, или како што се викаше најпрво Мини Шенген, дојде од регионот. Ние сакаме сите земји од Западен Балкан да бидат во неа и таа да биде под чадорот на Европската унија. Ги повикуваме сите земји да се приклучат”, рече Вархеји, откако објасни дека имало договор за заеднички регионален пазар, но една од земјите се повлекла, па ја искористи говорницата да ја повика да се врати назад.

Инаку во извештајот на Европската комиисја стои дека земјата е умерено подготвена на реформски план. Комисијата е задоволна што Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Исто така, се истакнува и важноста од постојано спроведување на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни.