Пристигнувајќи на заседанието на Советот на министри за надворешни работи кое се одржува денеска во Брисел, Вархеји рече дека по изборите во Македонија и Бугарија, очекува брз процес за да почнат преговорите за членство.
-Треба да продолжиме со политиките за проширување, кои се нашата најсилна алатка, и затоа, по изборите во Бугарија и Северна Македонија, се надеваме дека ќе видиме брз напредок на теренот. Од наша страна, ние сме подготвени да почнеме со работа многу брзо и да ги финализираме преостанатите прашања за да ја имаме првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија оваа година. Се разбира, другиот голем елемент кој го имаме како политичка алатка е економскиот и инвестицискиот план со Западен Балкан, на кој мора да работиме сега за да го спроведеме што е можно поскоро, посочи Вархеји.