-Ниту едно од овие лица, ниту белорускиот народ, не заслужуваат да трпат таква тешка репресија, се наведува во изјавата на државниот секретар Блинкен.

Европската унија ги осуди денешните пресуди, според кои Сергеј Тихановски, сопруг на опозициската лидерка во егзил, Светлана Тихановскаја, е осуден на 18 години затвор за организирање „масовни немири и поттикнување омраза во општеството“.

Белорускиот суд осуди уште пет опозициски активисти на затворски казни од 14 до 16 години.

Портпаролот на европскиот министер за надворешни работи, Жозеп Борел, изјави дека станува збор за „неосновани“ и „строги“ казни изречени за шестмината опозиционери и дека ЕУ подготвува нови санкции против Белорусија.

-Овие пресуди се нови примери на неосновани обвинувања против белоруските граѓани, кои го искористија своето право да се изразат и побараа слободни и рамноправни избори, рече портпаролот Петер Стано .

За него, пресудите се „брутална и систематска репресија на сите независни гласови во Белорусија“ и дека ЕУ силно ги осудува овие флагрантни и постојани прекршувања на човековите права и основните слободи од режимот во Минск.

-Поради постојаното влошување на кршењето на човековите права и репресијата, ЕУ планира да воведе нови санкции, додаде Стано.