Во „Вашингтон пост“, еден од најпознатите американски весници, се отпушта околу една третина од новинарите. Мерката е претставена како „стратешко ресетирање“, а главниот уредник Мет Мареј ја опиша како болна, но неопходна за прилагодување кон новите технологии и навиките на читателите.
Проценките говорат дека станува збор за околу 300 новинари, при што најпогодени ќе бидат спортската рубрика, редакциите за книги и литературна критика и мрежата на странски дописници. „Вашингтон пост“ не објавува официјални податоци за бројот на вработени или претплатници.
Одлуката доаѓа во период на пошироки отпуштања во рамки на компанијата „Амазон“, чиј основач Џеф Безос е сопственик на весникот. На крајот на јануари „Амазон“ објави отпуштање на 16.000 луѓе, а претходната есен беа отпуштени уште 14.000 вработени. Како причини се наведуваат оптимизација на бизнисот, намалување на трошоците и влијанието на вештачката интелигенција.
Според листата на „Форбс“, Безос е четвртиот најбогат човек во светот со нето вредност од околу 250 милијарди долари.
Мареј во средата свикал состанок со вработените на кој ги информирал за отпуштањата, нагласувајќи дека тие се дел од поширока стратегија за стабилизирање на финансиската основа и зголемување на релевантноста на весникот.
Во изјава што ја пренесе „Фокс њуз диџитал“, Безос рекол: „Луѓето имаат различни дефиниции за тоа што значи ‘спаси го пост’, но сите ние споделуваме заедничка желба за успешен пост кој повторно ќе расте, кој е на поцврста финансиска основа и во добра позиција да стане порелевантен за животот на луѓето. Тоа е она кон што сите се стремиме.“
