Жалбата на Јованов е одбиена како неоснована, потврдена казна затвор за трговија со дрога

Затвор за трговија со дрога е повторно изречен на обвинетиот Васил Јованов, откако Апелациониот суд Скопје ја одби неговата жалба како неоснована и повторно го осуди на единствена казна затвор од три години и десет месеци. Казната се однесува на делото „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, а пресудата следи по укинувањето на претходната од страна на Врховниот суд.

Одлуката е донесена на јавна седница одржана на 11.06.2025 година, во предметот КЖ-481/25, информираат од Апелациониот суд. Постапката беше повторно отворена откако Врховниот суд во мај 2025 година ја укина претходната второстепена пресуда.

Апелација ја преиначи воспитната мерка со казна затвор 

Во соопштението на судот се наведува:

„Решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3 години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, се осудува на единствена казна затвор во траење од 3 години и 10 месеци.“

Судот додава дека целосната одлука ќе биде објавена на веб страната на судот, во согласност со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Јованов веќе осуден и за друго кривично дело со 12 години затвор

Апелациониот суд веќе еднаш во февруари 2025 година ја одби жалбата на Јованов, а ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, со што ја замени воспитно-поправната мерка со затвор за трговија со дрога во траење од три години и десет месеци. Врховниот суд потоа на 7 мај 2025 година ја укина таа пресуда, барајќи повторно судење.

Дополнително, на 13 мај 2025 година, Васил Јованов беше осуден на 12 години затвор за друго кривично дело – „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, за сообраќајната несреќа во која во јануари годинава загина Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди во Скопје.