Не е спорен ниту еден аспект од Декларацијата која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. СДСМ пропушти уште една прилика да кажат барем што виделе спорно во предложената декларација, изјави Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Целта на партијата со поднесената декларација, рече таа, е да ги обедини сите чинители во општеството околу значењето на ликот и делото на Делчев во револуционерната борба за македонска државност.
-СДСМ треба да каже дали за нив е спорно во училиштата да се спроведат активности со кои учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Гоце Делчев или тоа што се повикува Институтот за национална историја и МАНУ да организираат научни собири или, пак, повикот до медиумите со пригодни содржини да го одбележат јубилејот од 150 години од раѓањето на Гоце Делчев? За жал, не само што не се обедини, туку и го дели народот по оваа тема. Тоа отвора сериозен сомнеж дека Ковачевски преговара за Гоце Делчев, а со тоа и за целокупната револуционерна борба за македонска државност, рече Василевска.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува СДСМ, како што рече Василевска, „да се вразумат и сериозно да ја прочитаат Декларацијата“.
-Вакви брзоплети реакции имаа и за Резолуцијата која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во јули минатата година, но потоа ја прифатија и на тој начин се создаде национално единство и црвени линии. Очекуваме и сега тоа да се случи, бидејќи ликот и делото на Делчев се подеднакво рамниште како и идентитетските прашања, додаде пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.