Иванка Василевска, пратеничка во Собранието во своето гостување на радио Лидер зборуваше за темата поврзана со Уставни измени и му одговори на вицепремиерот Бојан Маричиќ дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во најавени поединечни разговори. Имено Маричиќ во свое гостување рече дека ако не продолжи дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ, тие од СДСМ ќе тргнат да разговараат со секој еден пратеник од опозицијата.

-Не верувам дека кај мене ќе се јави вицепремиерот. Но, и да се јави кај било кој од колегите мислам дека ќе го добие истиот договор. Мислам дека и претседателот Мицкоски кажа многу јасно ако е Димитар Ковачевски е толку сигурен нека го стави тоа на дневен ред во Собрание, нека се покаже, ќе се преброиме и ќе видиме колку сме и што сме, рече пратеничката Василевска во своето гостување.

Имено пратеничката Василевска потенцираше дека веќе една година во Собранието неколку пратеници од владејачкото мнозинство се изјасниле дека нема да подржат Уставни измени и дека тоа е против нивните принципи и убедувања.

-Тенка им е работата. Ќе ви кажам нешто други што провејува во Собранието изминатите неколку месеци можеби и година. Неколку пратеници од владејачкото мнозинство децидно се изјаснија дека нема да го поддржат тоа, дека тоа е против нивните принципи и убедувања. Значи тие во нивното јато, во нивниот двор немаат единствен став, а не па сега ќе доаѓаат кај нас, кажа таа.