Критики до СДС за реформската агенда

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, обвини дека СДС во јавноста се претставува како единствен застапник на европската перспектива на Македонија, но, според неа, кога европските стандарди треба да се преточат во конкретни чекори, изостанува нивната поддршка.

Таа посочи дека, наместо да придонесат кон усвојување на законските решенија од реформската агенда и европскиот напредок, СДС избира политички блокади и активности со кои, како што рече, ја нарушува сликата за државата пред меѓународната јавност.

Владата тврди дека испорачува конкретни резултати

Василевска оцени дека однесувањето на СДС во Собранието ја покажува разликата меѓу реториката од прес-конференциите и реалноста, наведувајќи дека не ги гласаат реформските закони, отсуствуваат од работните групи и се обидуваат да го забават реформскиот процес.

Според неа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од политиката на опструкции, испорачува конкретни резултати преку законски решенија и исполнување на преземените обврски. Таа наведе дека во 2024 година бил направен значаен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда со донесување на седум клучни закони, дел од процесот на усогласување со европските стандарди и обврските од Планот за раст на Европската Унија.

Реформите продолжуваат во повеќе области

Василевска истакна дека со овие законски решенија државата направила конкретен напредок во зајакнувањето на институциите, подобрувањето на економското управување и модернизацијата на образовниот систем.

Таа додаде дека во текот на 2025 година реформската динамика продолжила со уште посилно темпо, преку донесување закони во областите енергетика, јавна администрација, дигитална трансформација, правда и транспорт.

Според Василевска, европските институции ја потврдуваат посветеноста на Македонија во спроведувањето на реформскиот процес, што резултирало со најзначајна финансиска поддршка од Планот за раст во споредба со другите земји од регионот.

Таа посочи дека пратениците на СДС не го поддржале Законот за енергетика, Законот за Судски совет, Законот за административните службеници, ниту еден закон од областа на образованието, Законот за електронски комуникации, како и пакетот закони за дигитализација.

„Нема да дозволиме партиските интереси и политичките пресметки на СДС да го забават реформскиот процес. Владата останува посветена на исполнувањето на реформската агенда, а сите потребни законски решенија ќе бидат усвоени во утврдените рокови“, порача Василевска.

Таа додаде дека очекува опозицијата да покаже конструктивност, да ги надмине дневнополитичките калкулации и да го стави државниот интерес пред партиските цели.

„Македонија и оваа година ќе биде лидер во регионот според динамиката на спроведување на реформите и посветеноста кон изградба на европската иднина“, истакна Василевска.