Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски од лични причини поднел оставка од функцијата и на негово место на следната владина седница ќе биде назначен, Васко Стефанов.

Стефанов, кадар на СДСМ, на оваа позиција доаѓа со претходно искуство од Водостопанство и АД Пошти, каде бил генерлен директор. Од директорската фотеља на Пошта, каде беше дојден на местото на Јани Макрадули, Стефанов замина откако Алијанса за Албанците влезе во владината коалиција, на која ѝ беше доделено тоа место. Инаку, како менаџер по техничка логистика произлегува од приватниот сектор, од каде што дошол на функциите во државните претпријатија.

За одлуката на директорот на АД ЕСМ, премиерот рече дека разговарале уште во текот на минатата година и дека утрово усно, а утре и писмено, ќе биде доставена оставката која ќе биде констатирана на следната владина седница.

Досегашниот генерален директор на АД ЕСМ останува да работи во компанијата.

– Вработен сум во АД ЕСМ. Прво ќе го земам одморот од 20 дена, а потоа по проценка на новиот менаџмент на ЕСМ и министрите ќе процениме каде ќе биде моето место во компанијата. Она што го протежирам е да се посветам пред се на семејството, односно на моите две деца кои имаат потреба од мене за иден раст и развој односно доообразование, истакна Ковачевски.

Во однос на тоа дали е задоволен колку успешно менаџирал со компанијата, Васко Ковачевски рече дека бројките во делот на производството и во делот на финансиите се најдобра потврда за тоа.

– Убеден сум дека пред се како држава, а потоа и како компанија, успешно ја изменаџиравме кризата. Бевме соочени со сериозни предизвици, некогаш и на дневни, а некогаш и на часовни одлуки, кои требаше да се донесат пред се благодарение на ангажманот на вработените во ЕСМ, кои ја сфатија сериозноста на енергетската криза и кои направија значителен личен влог за сите капацитети да се стават во функција и да се зголеми домашното производство, а со тоа да се намали набавката на електрична енергија, рече Ковачевски.

Поради пензионирање од АД ЕСМ ќе замине и Добрила Стефанова, а на нејзно место за нов член на Управниот одбор и директор на финансии ќе биде назначена Марија Пејкова.