Осуден за смртта на Фросина Кулакова, сега се соочува со нова пресуда
Васил Јованов – Васо, кој пред извесно време беше осуден на 12 години затвор поради прегазувањето на 24-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин, денеска повторно се најде пред суд. Васо овојпат по обвинение за недозволена трговија со наркотични средства.
Предметот, кој веќе имал неколку судски пресврти, сега повторно се разгледува пред Апелациониот суд во Скопје. Првичната постапка започнала додека Јованов бил постар малолетник, при што му била изречена воспитна мерка. Подоцна, Апелациониот суд ја преиначил таа пресуда и му изрекол ефективна казна затвор во траење од 3 години и 10 месеци.
Врховен суд укина, Апелација повторно одлучува
Сепак, Врховниот суд ја укина одлуката на Апелација со образложение дека не била одржана јавна седница, со што обвинетиот бил лишен од правото на одбрана. Затоа денеска, во присуство на неговиот адвокат, кој се спротивстави на евентуално зголемување на казната, случајот повторно се разгледува.
Од страна на Обвинителството, предметот го застапува вишата обвинителка Фатиме Фетаи. Таа инсистира на построга казна за Јованов, со оглед на сериозноста на делото и неговата поврзаност со мрежа за дистрибуција на дрога.
Очекувања за конечна одлука
Апелациониот суд треба да донесе нова, конечна одлука по жалбата поднесена од Обвинителството, а јавноста со внимание го следи случајот поради сериозните обвиненија и фактот што Јованов веќе издржува долга затворска казна поради друг, трагичен случај.
За потсетување, Радио Лидер прв ја актуелизираше темата и прв го разоткри Васо за неговите два случаи. Повеќе може да прочитате од веста во продолжение.
ПРЕД ДА ГО УСМРТИ ДЕВОЈЧЕТО ВАСИЛ СЕ СЛИКАЛ СО ЧАША ВИНО
Извор: СкопјеИнфо