Во текот на вчерашниот ден, како што денеска изјави, од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање, само половина или 4.500 се пријавиле за вакцинирање.

– Ќе видиме денеска како ќе се одвива процесот. Во текот на вчерашниот ден од девет илјади граѓани коишто добија термин насекаде во државата, околу 4.500 граѓани се пријавеле за вакцинација. Ќе се обидеме денеска да видиме и да го идентификуваме проблемот. Можеби заради тоа што е прв ден, можеби заради тоа што е почеток на ваков систем на вакцинација во места за масовна вакцинација насекаде низ државата. Искрено, верувам дека одѕивот нема да биде ваков понатаму. Апелирам сите граѓани да се пријават на сајтот вакцинација.мк – изјави Филипче.

Смета дека треба да се заокружи процесот на вакцинација на министрите со оглед на тоа што имаат закажано патувања, а најави и продолжување на вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура.

Засега, не се дозволува избор на вакцина, бидејќи, како што рече, сите вакцини се безбедни и не се забележани контраиндикации, освен за вакцината на „АстраЗенека“ која не се дава на лица помлади од 60 години.

Очекувањата се дека во текот на мај треба да пристигнат близу 50 илјади вакцини „Фајзер“, односно секој понеделник по приближно 10 илјади вакцини, а околу 14-15 мај, во зависност од тоа како ќе биде организиран транспортот, се очекува да пристигне и дополнителната количина од „Синофарм“ обезбедена преку Министерството за одбрана.

– Тоа се чини дека ќе биде доволна бројка да се надополни системот на вакцинирање – рече Филипче.

За бремените жени и доилките кои пријавиле интерес да се вакцинираат со „Фајзер“ бидејќи според некои нивни согледувања, оваа вакцина е најсоодветна за нив, Филипче рече дека доколку има такви сознанија, ќе им се излезе во пресрет на овие лица. Утринава, како што соошти, имал разговор со нивна претставничка која ја упатил да разговара за Александра Грозданова, која од вчера е назначена за национален координатор за имунизација.

Во однос на тоа дали се размислува за мобилни екипи кои би ги вакцинирале лицата кои живеат најоодалечено од местата на вакцинирање, Филипче рече дека постои таква можност, нагласувајќи дека вакви тимови веќе функционираат за неподвижните лица и за оние кои се сместени во старечките домови.

Во делот на кампањите за подигнување на јавната свеста за вакцинирање, Филипче посочи дека дел веќе се емитуваат, а дел се подготвуваат со УНИЦЕФ и Канцеларијата на Европската унија.