Двајцата соиграчи од Пари Сен Жермен, Лионел Меси (Аргентина) и Килијан Мбапе (Франција) вечерва ќе ги предводат своите селекции во финалната пресметка на 22-то Светско првенство во Катар, во битката за „златната божица“, но покрај тоа можат да урнат низа рекорди и дополнително да се запишат во фудбалската историја.

И Меси и Мбапе имаат свои сметки, а на Мундијалите француската суперѕвезда е подобра, зашто има веќе светска титула, во меѓусебните пресметки подобар е од својот клупски колега од ПСЖ, но 35-годишниот Меси во Катар игра како препороден, а финалето му е последен меч за Аргентина и последна шанса за да го освои последниот трофеј што му недостига.

ОВА СЕ СИТЕ РЕКОРДИ ШТО МЕСИ И МБАПЕ МОЖЕ ДА ГИ ОСТВАРАТ ДЕНЕСКА

– Меси ќе го игра својот 26-ти мундијалски меч и со тоа ќе го надмине Лотар Матеус (25) како фудбалер со најмногу настапи на Светските првенства

– Мбапе кој го даде последниот гол за победата на Франција со 4-2 против Хрватска во Русија во 2018 година може да стане само петти фудбалер во историјата кој дал гол на две финалиња на СП по – Вава, Пеле, Пол Брајтнер и Зинедин Зидан

– Победи ли Аргентина по регуларен дел или по продолженија, Меси ќе се израмни со Мирослав Клозе по рекорден број на победи на СП – 17

– Мбапе може да биде прв фудбалер во историја кој дал два гола во финалиња на СП надвор од шеснаесетникот

– Меси може да стане првиот фудбалер во историја кој двапати ја освоил награзата за најдобар играч на СП. Првата ја освои на СП 2014 во Бразил

– Ако Меси и Мбапе дадат по еден гол во финалето, ќе бидат првите соиграчи од ист клуб, а противници кои погодиле во едно мундијалско финале. Досега двајца соиграчи во финале дадоа голови, ама играа за иста репрезентација – Пол Брајтнер и Герд Милер (Баерн Минхен) на СП во 1974 година против Холандија.