Роковите за приговори за Претседателски и Парламентарни избори до Државната изборна комисија (ДИК) завршуваат вечер во 19, односно 23.30 часот. ДИК вчера ги објави првичките официјални изборни резултати и вечер до 19 часот до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од Претседателските избори. Според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова.

Според изборните резулатите од 100% преброени гласови, што ги објави синоќа ДИК, Сиљановска Давкова освoила 561.001 глас, а нејзиниот противкандидат и актуелен претседател Стево Пендаровски 251.881 глас. Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина на СДСМ, 18, Коалиција ВЛЕН, 13, Левица, шест, и Движење ЗНАМ за наша Македонија исто така шест.

На седницата за инаугурација Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава со што започнува да тече нејзиниот мандат.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.