Временската прогноза на метеоролозите се оствари, вечерва на Попова Шапка врне снег, а според информациите на УХМР на повисоките места во земјава истата ќе достигне и до 15 сантиметри до рано наутро.

Засега не е познато дали само на Попова Шапка вечерва има снег, но според видео камерите во долните делови од Маврово вечерва има само дожд.

Времето утре ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни (над 20 л/м2) проследени со засилен северен ветер. На планините на северозапад врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка од 10 до 15 см. Врнежи од снег ќе има и на некои повисоки места.

Во петок времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, на места пообилни, особено во југоисточните делови. Ќе дува умерен ветер од северен правец.

Во сабота времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во источните делови ќе има локална појава на краткотраен дожд, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.

Во недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.