Вечерва се чека Стара нова година, а утре е Василица

Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши пита со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна. Питата се дели меѓу членовите на семејството, или пријателите, вечерта на дочекот, кога на богата трпеза се играат и карти. Може да се подели и на Василица за ручек.

ГРАЃАНИТЕ СО ПОДЕЛЕНИ СТАВОВИ: Лепче со паричка за Бадник или Василица?

По повод Православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од IV век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Покрај Македонската православна црква – Охридска архиепископија, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската, Српската, Грузиската и Црногорската православна црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската православна црква и од неодамна Украинската.