Новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска го прими уверението и најави дека од вечерва почнува акцијата за чистење на градот.

„Скопје, го менуваме од корен! Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција, а тоа е за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив. А утре, започнуваме со темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив, за градот конечно да функционира како што скопјани заслужуваат“, најави Ѓорѓиевски.

Тој изрази благодарност за секоја поддршка, за секој скопјанец што во него препознал искреност, посветеност и дела зад зборовите.

„Официјално, од денес Скопје испишува нова страница во својата историја. Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје. Но, истовремено е и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија, конкретни резултати и многу дела.

Ќе бидам градоначалник на сите, без разлика на верска, национална, партиска или било каква припадност. За мене поделбите не постојат – она што е моја водилка е обезбедување на подобра иднина и достоинствен живот за сите. И тука нема да се штедам. Го имате мојот збор!“, нагласи Ѓорѓиевски.