Во Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи се транспонираат голем број директиви и регулативи на Европската Унија во сферата на плаќањата, со што очекуваме дека ќе настанат значајни промени во однос на проширувањето на листата на даватели на платежни услуги и сетот платежни услуги, како и во однос на подеталното уредување на релациите помеѓу давателите и корисниците на платежни услуги. Поконкретно, овој закон го отвора пазарот на платежни услуги за нови играчи, а особено за оние од финтек-секторот, од кои очекуваме дека ќе понудат иновативни решенија за извршување плаќања коишто ќе бидат побрзи, поевтини и полесни за користење.
Ова го истакнува директорот на Дирекцијата за платни системи на Народната банка, Игор Величковски, во интервју за порталот „Банкарство“, посветено на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на којшто подолг временски период, заеднички работеа експерти од Народната банка и од Министерството за финансии, поддржани преку проект финансиран од Европската Унија.
„За поголема финансиска вклученост, се предвидува можност за граѓаните за отворање платежна сметка со основни функции преку која ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на нивните вообичаени обврски (сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл.) или трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци којашто не смее да биде повисока од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, додека граѓаните кои се корисници на одредени законски права ќе може да ги добиваат овие услуги без надоместок. Минималниот број трансакции коишто треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку пет трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица коишто се клиенти на истата банка.“ – појаснува Величковски.
Величковски посочува дека согласно со последно расположливите податоци за 2020 година коишто ги објавува Народната банка, просечниот надоместок којшто давателите на платежни услуги го наплатиле од трговците за плаќањата извршени со парични картички изнесува 1,21%, при што тој варира во зависност од дејноста и големината на трговецот и се движи во распон од просечни 0,77% за информатичка технологија и бела техника до 2,71% за електронска трговија. Трговците понатаму им ги пренесуваат овие трошоци на потрошувачите преку повисоки цени на производите и услугите.
„Заради намалување на овие трошоци, предвидено е висината на заменските надоместоци да се ограничи на 1% од вредноста на платежната трансакција во средината на 2022 година и постепено да се намалува и на почетокот на 2025 година да се сведе на 0,2% и 0,3% од вредноста на платежните трансакции извршени со дебитни, односно кредитни картички, како што се тековно поставени во земјите од Европската Унија.“ – истакнува тој.
Со новиот закон е предвидено давателите на платежни услуги да доставуваат податоци до Народната банка за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка.
„Народната банка редовно ќе ги објавува на својата интернет-страница овие надоместоци по поединечен давател на платежни услуги во компаративен контекст. На овој начин, потрошувачите ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат за тоа од кој давател да користат платежни услуги. Така, преку зголемената транспарентност и олеснета споредливост на надоместоците, ќе се создадат услови за поповолни цени за користење платежни услуги од граѓаните.“ – појаснува директорот на Дирекцијата за платни системи на Народната банка.
Како што е напоменато во интервјуто, примената на Законот ќе зависи од неговото донесување, со тоа што динамиката поставена во Нацрт-законот согласно со планот на Министерството за финансии би овозможила примена најрано на почетокот на следната година, а одредени делови од Законот коишто наметнуваат значителни измени во информациските системи кај давателите на платежни услуги би започнале да се применуваат подоцна со цел да се остави доволен временски простор за нивно успешно спроведување.