Подготвеност за обезбедување безбеден премин на бродовите низ Ормускиот теснец најавија Велика Британија и уште шест земји. Воедно, тие најавија и координирани активности за стабилизирање на енергетските пазари.

Во заедничката изјава на британскиот премиер со лидерите на Франција, Германија, Италија, Холандија и Јапонија остро се осудуваат неодамнешните напади на Иран врз трговски бродови и цивилна инфраструктура.

„Од срце ги осудуваме неодамнешните напади на Иран врз невооружени трговски бродови во Заливот, нападите врз цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги нафтените и гасните постројки, и фактичкото затворање на Ормускиот теснец од страна на иранските сили. Изразуваме длабока загриженост за ескалацијата на конфликтот. Апелираме до Иран веднаш да ги прекине своите закани, поставување мини, напади со беспилотни летала и ракети и сите други обиди за блокирање на теснецот за комерцијален сообраќај и да дејствува во согласност со Резолуцијата 2817 на Советот за безбедност на ООН. Слободата на пловидба е фундаментален принцип на меѓународното право, вклучувајќи ја и Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, се наведува во заедничката изјава.“

Лидерите предупредуваат дека последиците од ваквите дејствија ќе се почувствуваат глобално, особено кај најранливите категории.

„Во согласност со Резолуцијата 2817, нагласуваме дека таквото нарушување на меѓународната пловидба и нарушувањето на глобалните синџири за снабдување со енергија претставуваат закана за меѓународниот мир и безбедност. Во овој поглед, повикуваме на итен, сеопфатен мораториум за напади врз цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги нафтените и гасните постројки. Изразуваме подготвеност да придонесеме во соодветните напори за обезбедување безбеден премин низ теснецот, додаваат во изјавата.“

Во документот се наведува дека земјите ќе преземат дополнителни чекори за стабилизирање на енергетските пазари, меѓу кои и соработка со одредени производители за зголемување на производството.

„Исто така, ќе работиме на обезбедување поддршка на најпогодените земји, вклучително и преку Обединетите нации и меѓународните финансиски институции. Морската безбедност и слободата на навигација им користат на сите земји. Ги повикуваме сите држави да го почитуваат меѓународното право и да ги зачуваат основните принципи на меѓународен просперитет и безбедност“, се вели во изјавата.