Британија прима студенти од Газа и им нуди можност да продолжат студии со финансиска поддршка преку државни и приватни програми

Велика Британија прима студенти од Газа за да го завршат своето образование на универзитетите во земјата, соопшти денеска Владата. Околу 40 студенти ќе добијат финансиска помош преку државни програми и приватни стипендии, објави Би-Би-Си.

За да можат студентите да го продолжат своето образование, израелската Влада прво мора да го одобри нивното излегување од Појасот Газа. Потоа ќе се провери нивниот идентитет, соопшти британското Министерство за внатрешни работи.

Односите меѓу Лондон и Ерусалим беа разнишани во последните недели по најавата на премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, дека во септември ќе признае независна палестинска држава.

Овој потег го осуди премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху. Тој изјави дека тоа „го наградува тероризмот на Хамас и ги казнува сите негови жртви“.