550 милиони денари се инвестирани за подобрување на системот за детска заштита и нови капацитети во градинките

550 милиони денари се инвестирани за реконструкција и изградба на нови детски градинки. Истакна заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски на панел-дискусијата „600 милиони евра за развој и локален прогрес“ во рамки на Саем-Отчет.

Велковски рече дека за една година Владата успеала системски да ги постави работите. Така што системот за социјална и детска заштита денес е на здрави основи, без корупција и злоупотреби.

„Системот за социјална заштита продолжуваме да го надоградуваме и во иднина ќе биде уште подобар во полза на граѓаните“, изјави тој.

Тој посочи дека Македонија по Устав е социјална држава и со таа основа се градат сите политики.

„Она што го добивме како поддршка од Владата, преку министерството за локална самоуправа заедно со општините, морам да нагласам, е одличната соработка со градоначалниците. Постојано сме во комуникација со секој еден од нив и затоа денеска има резултати, особено во делот на детската заштита. Работите се поставени системски и градинките се градат каде што се најпотребни“, рече Велковски.

Велковски потсети дека пред една година листите за чекање во градинките биле долги, со повеќе од 4.500 деца кои чекале за згрижување. Денес, вели тој, сликата е променета затоа што се отвораат објекти кои со години биле застанати, а дел се доградуваат.

„Ќе го земам за пример Скопскиот регион каде имавме повеќе од две илјади деца на листи за чекање. Денес, преку владините програми, првиот и вториот повик и директни инвестиции од министерството, повеќе од 550 милиони денари се инвестирани токму во реконструкција и изградба на нови детски градинки, од кои 16 се во Скопје“, истакна Велковски.