Со повеќе комеморативни, спортски и стручни настани, викендов во Кочани беше одбележана годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Во спомен на загинатите беа организирани велосипедска тура и кошаркарски натпревар, а пред просторот каде што се наоѓаше дискотеката денеска беа поставени 63 срца со имињата на сите жртви од пожарот.

Во спомен на загинатите

Во рамки на одбележувањето беше организирана и меѓународна конференција на која учествуваа 37 лекари од земјава и од странство. На панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“, одржан во рамки на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, говореа лекари кои биле директно вклучени во укажувањето помош на настраданите во трагедијата.

Општина Кочани им додели благодарници и признанија на повеќе од 30 поединци и институции, кои вложија исклучителни напори во справувањето со последиците од несреќата. Денеска, пак, во Центарот за култура „Бели Мугри“ ќе се одржи комеморативен настан во спомен на загинатите во пожарот.

Град што сè уште ја носи болката

Една година по најголемата трагедија во поновата македонска историја, Кочани и натаму живее со последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“. Загубата на повеќе од 60 животи и над 200 повредени остави длабока трага што не стивнува. Градот и семејствата на жртвите и денес ја чувствуваат тежината на трагедијата, како и борбата за вистина и правда.

На 16 март 2025 година, во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. По несреќата, Македонија беше потресена од шок и неверување, додека Кочани стана симбол на болка, загуба и сериозен институционален пропуст. Веднаш потоа беше одржана вонредна седница на Советот на Општина Кочани, а беше прогласена и седумдневна жалост, прво на локално, а потоа и на државно ниво.

Истрагата откри сериозни пропусти

Според наодите на истражните органи, клубот функционирал незаконски повеќе од една деценија, без исполнети минимално-технички услови, без потребни дозволи и без основни противпожарни стандарди. Во објектот биле вршени реконструкции без соодветен надзор, биле користени лесно запаливи материјали, а просторот не ги исполнувал ниту најосновните безбедносни критериуми.

На критичната вечер истовремено биле активирани три пиротехнички средства, насочени кон плафон обложен со полиуретански сунѓер. Огнот се проширил за неколку секунди, а густиот чад и паниката ги блокирале посетителите во објектот, кој имал единствен и несоодветен излез. Поголемиот дел од жртвите загинале обидувајќи се да стигнат до вратата, која не претставувала стандардно евакуациско решение.

По трагедијата, Обвинителството поднесе обвиненија против 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Првичната истрага опфатила 45 физички лица, вклучително и сопственикот на објектот-магацин, но поради недостиг на докази постапката била запрена за 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри за економија, додека еден од осомничените починал. Меѓу обвинетите се сопственикот, управители, инспектори, поранешни градоначалници, лица од обезбедувањето и државни службеници, кои според обвинението, со дејствување или со пропуштање на обврските, придонеле за создавање услови што довеле до катастрофата.