Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо го пофали Трамп

 

Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо го пофали американскиот претседател Доналд Трамп за апсењето на авторитарниот лидер Николас Мадуро, јави ДПА.

„3 јануари ќе остане запишан во историјата како ден кога правдата ја победи тиранијата“, изјави Мачадо вчера за Фокс њуз.

Американските сили во ноќта меѓу петокот и саботата нападнаа цели во Венецуела, ги заробија Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес и ги доведоа во САД, каде што сега се соочуваат со судски постапки за наводни обвиненија за дрога.

Мачадо претходно го пофали Трамп за неговиот тврдокорен пристап кон Венецуела.

„Ова е пресвртница“, рече таа во објава на Х, додавајќи дека тоа е значајно не само за венецуелскиот народ, туку и „за човештвото, за слободата и човечкото достоинство“. Во друга објава, таа рече дека Венецуела ќе стане „главен сојузник на САД во прашањата за безбедноста, енергијата, демократијата и човековите права“.

По апсењето на Мадуро, Мачадо повика опозицискиот политичар Едмундо Гонзалез Урутија да биде поставен за претседател. Овој 76-годишен поранешен дипломат беше општоприфатен од опозицијата и меѓународните набљудувачи за победник на претседателските избори во 2024 година, кои беа нарушени со обвинувања за измама, потсетува ДПА.

Тој се кандидираше само затоа што на попопуларната Мачадо и беше забрането да учествува на изборите.

Трамп неодамна посочи дека Мачадо нема да игра водечка улога во Венецуела, велејќи: „Ќе биде многу тешко за неа да биде лидер. Таа нема поддршка, ниту почит во земјата“, потсетува ДПА

Во меѓувреме, лојалната заменик-претседателка на Мадуро, Делси Родригез, положи заклетва како вршител на должноста претседателка на земјата. Нејзината влада продолжува да го смета Мадуро за легитимен шеф на државата.