Со тесно мнозинство, Кочани доби ново раководство
Со 9 гласа „за“, независниот кандидат Венко Крстевски е избран за в.д. градоначалник на Кочани. Поддршка доби од советничката група на СДСМ, додека неговиот противкандидат Гоце Марков од ВМРО-ДПМНЕ освои 8 гласови. Советничката на Левица беше воздржана, пренесува 360 степени.
Крстевски најави нов пристап и фокус на младите
По изборот, Крстевски истакна дека ќе се залага за поголема поврзаност меѓу граѓаните и институциите.
„Ќе бидам мост меѓу народот и институциите. Кочани да стане поубаво место за живеење. Ќе се фокусирам на младите“, изјави тој.
Тензии и емоции на седницата – советничка поднесе оставка
Седницата за избор на в.д. градоначалник на Кочани помина во наелектризирана атмосфера. Советничката Кристина Атанасова од ВМРО-ДПМНЕ, чие дете е меѓу повредените од пожарот во „Пулс“, низ солзи ја соопшти својата оставка од Советот.
Претходникот Папазов во притвор, Кочани во потрага по стабилност
Функцијата в.д. градоначалник стана испразнета поради притворот на Љупчо Папазов, кој е осомничен за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, каде животот го загубија 61 лице. Кочани остана без градоначалник во клучен момент, по што Советот итно свика седница за избор на нов раководител.
УАПСЕНИ ПОСЛЕДНИТЕ ТРОЈЦА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ОПШТИНА КОЧАНИ!
МВР масовно апси по трагедијата
Пред само два дена, Основното јавно обвинителство во Кочани донесе наредба за проширување на истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. При оваа акција осомничени се нови 19 лица. Сите се обвинети за „тешки дела против општата сигурност“. Согласно член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Овие лица, се обвинети за пропусти и незаконити дејствија кои довеле до сериозна опасност за животот и имотот на луѓето.
Новиот в.д. градоначалник на Кочани се соочува со сериозни предизвици. Граѓаните бараат брза, ефикасна и транспарентна работа, особено по големата трагедија која го потресе целиот град, но и целата држава.