Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Иран го известил Вашингтон оти не планира да воведува такса за минување низ Ормуската теснина и дека ќе овозможи протокот на нафта и гас од Персискиот Залив да се врати на нивото од пред конфликтот.
„Нашето очекување е дека ќе видиме иста количина нафта и гас што излегува од Заливот како пред почетокот на конфликтот. Тоа е она што Иранците ни кажаа дека ќе го направат“, рече Венс во интервју за „Фокс њуз“.
Тој, сепак, нагласи дека САД ќе го оценуваат Техеран според неговите постапки, а не според ветувањата.
Според Венс, Иран и земјите од Заливот, особено Оман, веќе разговараат за начини за обезбедување безбеден премин низ Ормуската теснина.
Меѓу мерките што се разгледуваат се отстранување на мини и обврска од Иран дека нема да отвора оган врз комерцијални бродови што минуваат низ теснината.
