Потпретседателот на САД зборува за мировни напори и критики кон Европа

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, денеска оцени дека конфликтот во Украина е најтешката војна што бара решение и изрази разочарување од недоволниот ангажман на европските лидери околу ова прашање.

Во своето обраќање пред студентите во Будимпешта, Венс зборуваше и за постигнатиот мировен напредок, истакнувајќи го успехот на американските дипломатски напори.

Тој го опиша примирјето со Иран како резултат на „американската решителност“ и посочи дека САД повеќе од 14 месеци работеле на постигнување на мировен договор меѓу Москва и Киев, истакнувајќи дека веќе е остварен „значителен успех“.

– Навистина успеавме да ги натераме Украинците и Русите да ги презентираат своите позиции, кои со текот на времето стануваа поблиски. Очигледно, сè уште не сме стигнале до последната фаза од потребниот напредок, но сум доста оптимист во врска со тоа бидејќи војната во основа престана да има смисла – рече Венс, додавајќи дека двете страни не треба да „се расправаат за неколку квадратни километри територија“.

Критики кон Европа и пофалби за сојузници

Венс потенцира дека е „разочаран од мнозинството политичари во Европа“ кои не покажале интерес за решавање на конфликтот во Украина.

Во исто време, тој истакна дека САД добиле „голема помош од некои пријатели“, посочувајќи ги премиерите на Италија и на Унгарија, Џорџа Мелони и Виктор Орбан.

– Орбан беше најкорисен бидејќи ги охрабри САД вистински да ја разберат ситуацијата, да ја разберат и перспективата и на Украинците и на Русите, што им е потребно за да го завршат конфликтот – додаде Венс.

Венс е во дводневна посета на Будимпешта за да ја поддржи политиката на Орбан, само неколку дена пред парламентарните избори во Унгарија.