Студија покажува дека ВИ понекогаш предизвикува повеќе интимност од човекот

Ново истражување открива дека луѓето можат да развијат емоционална блискост со вештачката интелигенција (ВИ), понекогаш дури и повеќе отколку со други луѓе. Студијата ја воделе проф. д-р Маркус Хајнрихс и д-р Тобијас Клајнерт од Универзитетот во Фрајбург и проф. д-р Бастијан Шилер од Институтот за психологија при Универзитетот во Хајделберг.

Истражувањето покажало дека учесниците почувствувале најголема блискост кога не знаеле дека комуницираат со ВИ. Дури 492 лица учествувале во две онлајн студии, одговарајќи на лични и емоционални прашања, како животни искуства и пријателства. Одговорите ги добивале од човечко суштество или од јазичен модел базиран на ВИ.

ВИ понекогаш открива повеќе лични информации

Резултатите покажале дека кога учесниците не знаеле дека разговараат со ВИ, нивното чувство на блискост било споредливо со оној кон човекот. Во некои емоционални разговори, ВИ дури ги надминала луѓето бидејќи откривала повеќе лични информации. Сепак, кога учесниците биле однапред информирани дека ќе комуницираат со ВИ, нивната перципирана блискост значително се намалила, а тие вложувале помалку труд во одговорите.

„Бевме особено изненадени што вештачката интелигенција создава поголема интимност од човечките партнери, особено при емоционални теми“, објаснува Шилер.
„Вештачката интелигенција покажа повисок степен на самооткривање во своите одговори. Луѓето се повнимателни со непознати партнери, што може да го забави развојот на интимноста“, додава Клајнерт.

Потенцијал и ризици на ВИ во социјални врски

Истражувачите укажуваат дека ВИ има голем потенцијал во психолошка поддршка, советување, образование и грижа, но постои ризик луѓето да формираат социјални врски без свесност за тоа. Тие нагласуваат потреба од јасни етички и регулаторни упатства за транспарентност и спречување злоупотреба.

„Социјалните односи значително влијаат врз здравјето. Чет-ботовите со ВИ можат да овозможат позитивни искуства, особено за лица со малку социјални контакти. Сепак, тие мора да бидат одговорни и транспарентни“, вели Хајнрихс.

Според Шилер, ВИ сè повеќе станува општествен актер, а не само технологија, што отвора нови прашања за улогата на интелигентните системи во човечките односи.