ВИ помага во задачи, но не секогаш и во учењето

Сè повеќе истражувања покажуваат дека употребата на вештачка интелигенција во наставата може да им помогне на учениците подобро да решаваат конкретни задачи, но тоа не значи и автоматски напредок во учењето, соопшти Организацијата за економска соработка и развој.

Според ОЕЦД, префрлањето на когнитивните задачи кон алатки со вештачка интелигенција носи ризик од „интелектуална мрзеливост“ и намален ангажман кај учениците, што на подолг рок може негативно да влијае врз стекнувањето знаења и вештини.

Неколку анализи покажале дека учениците кои користеле ВИ првично имале подобри резултати од своите врсници, но таа предност со време исчезнувала, а во одредени случаи доаѓало и до назадување, особено кога на испити немале можност да користат вакви алатки.

Образовната ВИ дава подобри резултати

ОЕЦД наведува дека вештачката интелигенција создадена специјално за образовни цели покажува поодржливи резултати во процесот на учење.

Организацијата смета дека наставата треба пред сè да биде насочена кон развој на човечки способности, како независно размислување и препознавање поврзаности меѓу различни области.

Според препораките, учењето најпрво треба да се одвива без генеративна вештачка интелигенција, потоа со образовна ВИ, а дури на крај со алатки за општа намена.

Наставниците стравуваат за академскиот интегритет

ОЕЦД посочува дека генеративната вештачка интелигенција треба да се користи внимателно и со јасна педагошка цел, за да го збогати процесот на учење, а не да го замени когнитивниот напор на учениците или да ги ослаби човечките односи во образованието.

Во анкета спроведена меѓу наставници, 37 проценти од професорите во средните училишта изјавиле дека користат вештачка интелигенција во работата, а 57 проценти рекле дека таа помага во креирање и подобрување наставни програми.

Сепак, 72 проценти од наставниците сметаат дека вештачката интелигенција може да му наштети на академскиот интегритет, особено кога учениците предаваат задачи решени со ВИ наместо самостојно изработени.