На прес конференција се обрати директорот на ЈП Водовод и Канализација – Скопје и кандидат за иден градоначалник на Карпош, Душко Весковски во врска со изнесените лаги и невистини од страна на опозициската ВМРО ДПМНЕ за тендерска постапка за реконструкција на водоводна и канализациона мрежа на улица Варшавска.
-Единствен повод за грубите манипулации за моја лична дискредитација е убедливото водство и високиот рејтинг на сите анкети, вклучително и анкетите на ВМРО ДПМНЕ во трката за градоначалник на Општина Карпош.
Хронолошки со приложена документација во целост на јавноста ви ја прикажувам законски спроведената јавна набавка.
Број 1 – Предметната јавна набавка е започната во 2019 година по што е склучена рамковна спогодба со 5 најреномирани фирми од областа на нискоградбата во државата.
Број 2 – Во месец Јули од Општина Карпош е издадено одобрение за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа.
Број 3 – По добиеното одобрение е започната постапка за негативно аукциско наддавање, на која учествувале сите 5 фирми. Како најповолен понудувач е избрана посочената фирма КБК инжинеринг по повеќекратно намалување на почетната цена. Ниту во тој момент а ниту до ден денес ниту еден од учесниците во јавната набавка не вложил жалба на спроведената јавна набавка.
Број 4 – По завршената негативна аукција на 09.10.2020 година склучен е договор со посочената фирма по што истата е воведена во работа. На 30.10.2020 година завршена е реконструкцијата на канализационата мрежа а на 25.12.2020 година е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа. За изведените градежни работи уредно се водени градежни дневници и книги, потпишани од овластен надзор и техничко лице. Во прилог ви ја доставувам на увид градежната документација.
Фабрикуваните, нецелосните и непотпишани наводни документи со кој манипулира и обвинува ВМРО ДПМНЕ не се однесуваат на предметната јавна набавка и истите се прикажуваат со цел да се креира конструкција за незаконско работење со цел моја лична дискредитација во пресрет на локалните избори.
Целокупната документација за оваа јавна набавка веднаш ја ставам на располагање на надлежните органи (Јавно Обвинителство, МВР и Бирото за судско вештачење), а воедно ќе поднесам кривична пријава за лажно пријавување и тужба за клевета.
Нема да дозволам најтранспарентното јавно претпријатие во државата да биде злоупотребено во дневно политички цели, а на ВМРО ДПМНЕ им порачувам дека убедливиот пораз на локалните избори во Општина Карпош им е неизбежен.