Учесниците на Меѓународната конференција за заштита на океаните, која се одржува во градот Панама со претставници на САД и ЕУ, ветија речиси 20 милијарди долари за оваа намена.
Организаторите на конференцијата вечерва на крајот од дводневниот состанок објавија дека 341 учесник ветиле дека ќе донираат вкупно 19,9 милијарди долари за заштита на океаните.
Само американската Влада вети речиси шест милијарди долари, кои се наменети за реализација на 77 проекти. Специјалниот пратеник за климатски прашања Џон Кери, меѓу другото, најави инвестиции во заштитените морски подрачја, одржлив риболов и обновливи извори на енергија.
Истовремено, ЕУ најави зголемено издвојување на средства за светските океани во 2023 година во износ од 816,5 милиони евра.
Земјата домаќин на конференцијата, Панама, најави дека речиси двојно ќе го зголеми обемот на своите заштитени поморски подрачја.
Се вели дека во иднина ќе бидат заштитени повеќе од 54 отсто од исклучително економската зона на земјата. Оваа зона се протега на површина од 200 наутички милји од крајбрежниот појас кон океанот.
На меѓународната конференција „Нашиот океан“, претставници на влади, приватниот сектор, разни организации и граѓански сектор од 70 земји во светот разговараа за заштитата на светските океани.
Конференцијата првпат се одржа во 2014 година на иницијатива на американската влада. Следната средба ќе се одржи идната година во Грција.