Средби на поранешни припадници на ОНА со лидерите на Вреди
Хазби Лика и Гзим Острени, поранешни припадници на ОНА, деновиве се сретнаа со Билал Касами и Изет Меџити од коалицијата Вреди. Средбите, според дел од медиумите на албански јазик, се толкуваат како сигнал за нивна поддршка на политиките на оваа опозициска коалиција.
Реакции во албанските медиуми
Информативниот портал „Актуале“ пишува дека пред вториот круг од локалните избори, албанската политичка сцена во Северна Македонија доживува „силен шок“. Во текстот со наслов „УЧК ги напушти ДУИ-НАИ, Хазби Лика и Гзим Острени видени покрај Вреди!“, медиумот наведува дека нивните јавни појавувања со Касами и Меџити претставуваат јасен сигнал за оддалечување од ДУИ и Националната алијанса за интеграција.
Симболична порака пред вториот изборен круг
Според написот, Гзим Острени имал срдечен разговор со Изет Меџити, а Хазби Лика бил виден во друштво со Билал Касами во Тетово. Обајцата се сметаат за влијателни личности од периодот на конфликтот во 2001 година, а нивните постапки се толкуваат како силна политичка порака во пресрет на вториот круг од изборите.
