Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека очекува средба со бугарскиот претседател Румен Радев под посредство на Антонио Кошта за да се надмине ветото од Бугарија за евроинтеграцијата на Македонија. Австрија и Обединетото Кралство се понудиле за медијација во разговорите. Сиљановска со цинизам го спореди ветото со „срамна смртна казна“, нагласувајќи дека уставните измени остануваат услов на ЕУ, додека преговорите се во ќорсокак.
Како да се реши ветото од Бугарија?
Сиљановска објасни дека за време на средбата во Скопје, Кошта се согласил со нејзините правни аргументи, но истакнал дека предлогот за уставни измени со одложено дејство е отфрлен од Софија.
„Јас, се разбира, со помош на господинот Кошта, заедно ќе разговарам со господинот Радев. Како што слушате, исто така, Австрија се понуди за медијација во разговорите. Не се нудат членки на ЕУ за уште еден разговор и медијација, ако работата е завршена или ако е така одлучено, бидејќи тоа не би било европски манир“, рече таа. Не прецизира кога и каде ќе се одржи средбата.
Односот на ЕУ кон Македонија
Сиљановска со цинизам го опиша односот на ЕУ кон Македонија
„Ова, јас понекогаш кога сум цинична, им велам, мене ми личи на цврста одлука да укинете смртна казна, која е срамна, ама велите: ‘Ајде сега уште овој осуден ќе го егзекутираме, ама од после извесно време или од идниот некој момент, нема да има смртна казна’. Не може ние да бидеме колатерална штета на ваквиот процес на одлучување“, изјави таа.
Уставните измени како клучен услов
Минатата недела, Антонио Кошта од Скопје изјави дека нема план Б и дека е неопходно да се работи на уставните измени. Вчера, министерот за европски прашања Орхан Муртезани порача дека Владата е свесна дека уставните измени не можат да се избегнат, но дека тие треба да бидат последниот билатерален услов. Додека преговорите остануваат во ќорсокак, ЕУ инсистира на уставните измени како непроменет услов за напредок на Македонија кон Унијата.
Извор: 24VESTI