На граѓанската трибина во Радовиш, организирана под мотото „Се бориме за нашиот дом“, претседателот на СДСМ Венко Филипче упати критики кон владата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека во текот на нивното владеење основните животни потреби станале недостапни за граѓаните.
Филипче во својот говор посочи дека во само една и пол година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните се соочуваат со значително потежок живот од очекуваното, иако им било ветувано подобрување на стандардот и економски раст.
„Во само една и пол година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, основните животни потреби станале луксуз иако било ветувана брзорастечка економија, повисоки плати, пензии, субвенции и скандинавски стандард,“ рече Филипче.
Тој додаде дека ветувањата за „скандинавски стандард“ се далеку од реалноста:
„Не знам дали оваа власт знае што значи скандинавска држава или пак само така убаво им звучи. Еве да им кажам – луѓето што живеат во скандинавските земји имаат висок животен стандард, функционални и непартизирани институции, врвно квалитетно образование и здравство, квалитетна инфраструктура, имаат доверба во правосудниот систем. Да заклучам, живеат во држави што се грижат за нив, а тоа им прави да имаат предвидлива и сигурна иднина.“
Според него, економската состојба не ја одразува сликата што ја презентира Владата:
„Доколку се живеело добро како што сакаат да прикажат премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тогаш би можело да се преживее со минимална плата од 400 евра и цени кои дивеат, но за жал, реалноста е сосема поинаква, оти граѓаните можат да живеат до десетиот ден од месецот, а потоа, преживуваат.“
Тој посочи дека сѐ повеќе аспекти од секојдневието стануваат недостапни за обичниот граѓанин:
„Храната е луксуз, минималната плата е луксуз, чистиот воздух и справувањето со отпадот се луксуз, правдата е луксуз, достоинствениот живот е луксуз. Но, задолжувањето од 1,8 милијарди евра во првите 13 месеци е рекордно и нема никакви видливи ефекти врз развојот на државата.“
Филипче рече и дека неуспехот на владините мерки е очигледен, а наместо решенија, јавноста добива спинови и ПР-кампањи:
„Откако на власта не им успеале така наречените ‘кошнички’, кои се покажале како чист пи-ар, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се свела само на спинови и манипулации.“
Тој додаде дека реалните бројки го покажуваат спротивното од тоа што го тврди Владата:
„Реалните податоци покажуваат инфлација од 4 отсто, а власта со спин се обидува да објасни минус 0,2 отсто, споредено месец со месец. Вистината е дека храната е поскапа за 6,3 отсто, а цените во ресторани и хотели се зголемени за над 8 отсто. Колку и да манипулираат, граѓаните гледаат и чувствуваат. Тие знаат колку можеле да купат со истите пари пред една година и колку сега. Ќесата од маркет е се попразна, се бира што да се купи. Премиерот треба да разбере дека граѓаните не можат да живеат од неговите спинови, туку од она што им останува во паричникот,“ заклучи претседателот на СДСМ.